ФИООМ за прв пат додели признанија за добро управување. Добитници на признанијата се:
• Царинската управа на РМ (категорија органи на државната управа),
• Општина Велес (категорија единици на локалната самоуправа) и
• МАПАС (категорија други органи на државната управа / организации на централно ниво).
Оваа активност „значи еден вид вреднување на оние институции кои успеале да се одлепат од просекот, кои се потрудиле да ги подигнат стандардите во работењето и да наметнат стил кој ги прави препознатливи по добро,“ истакна претседателот на Управниот одбор на ФИООМ, Гордана Дувњак.

Директорот на Царинската управа на РМ, Ванчо Каргов, истакна дека со постигнатите резултати во управувањето Царинската управа ќе послужи како добар пример кој ќе го споделат со другите институции. „Воспоставување интерни процедури и постапки за регулирање на постапувањето, намалување на непотребните дискрециони права во спроведувањето царински постапки, градење контролни системи кои ќе обезбедат имплементирање на процедурите на пропишан начин, отчетност и транспарентност на контролните институции и работењето, компјутеризација на работењето на Царинската управа, вклучувајќи едукација и перманентно информирање на вработените“, дополни Каргов, се следните активности на Царинската управа.
За Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски доделената награда претставува верификација на обидите за добро работење на општината, чија цел е: задоволни граѓани. Горд на општинската администрација, заблагодарувајќи се на Претседателот и членовите на Советот на општината, медиумите и локалните невладини организации, Коцевски истакна дека „Велес е општина без долгови, со развиени човечки ресурси, висок степен на технологии за ИТ, со прв поставен електронски совет во Југо-источна Европа, функционален граѓански сервис центар избран како модел за поставување во другите општини, со поставени лидерски и менаџерски стандарди и способна администрација за одржлив развој“.
Директорот на МАПАС, Зорица Апостолска, смета дека „прашалникот и поставените критериуми во конкурсот за ова признание се од голема корист бидејќи може да претставува репер за тоа како институциите треба да работат во иднина, а претставуваат и одлична можност да се споредиме со другите институции“. Таа ги истакна идните предизвици на МАПАС: имплементирање на прекршочна комисија во МАПАС, поголема независност на Агенцијата и нов детален закон за исплата на пензии од вториот и третиот столб и подобрување на деловното работење преку обуки согласно со светските стандарди.
Претседателот на Комисијата за доделување признанија за добро управување, проф. Д-р. Драгољуб Арсовски, како и членовите на Комисијата, преку излагањата на проф. Д-р. Борче Давитковски, м-р Герман Филков и Сабина Факиќ ги истакнаа своите видувања од процесот на селекција на најуспешните институции од вкупно пријавените 26 институции во спроведувањето на принципите на доброто управување, осврнувајќи се на постојните проблеми и предизвиците на институциите во спроведувањето на принципите на доброто управување. Клучните забелешки во функционирањето на институциите се следниве:
- Од вкупно 100%, просечната оцена на рангирање за сите 26 институции е 58%; оттука останува уште многу да се сработи за подобрување на имплементацијата на принципите за добро управување;
- Постои голема дикрепанца во работењето меѓу самите државни органи, особено на локално ниво, каде опсегот на добиени бодови се движи меѓу 28-74%; оттука, потребни се многу повеќе обуки имајќи ја предвид важноста на децентрализацијата и потребата за имплементација на европските принципи заради остварување на правата на граѓаните;
- Потребно е институциите да спроведуваат евалуација и самоевалуација на своето работење;
- Треба да се зајакне транспарентноста како најмоќно оружје против корупцијата.

Герман Филков ги детектираше следниве слабости во работењето на институциите: мал број начини и форми на комуникација на мисијата, целите, резултатите и услугите на институциите на сите нивоа, што подразбира воспоставување на комуникациски алатки меѓу вработените, заинтересираните страни и надворешната јавност; недоволно мерење на задоволството на корисниците; недоволна грижа и задоволување на потребите на маргинализираните групи, немање акти за заштита од дискриминација, немање внатрешни процедури за декларирање на имотната состојба и непотпишување изјави за постоење конфликт на интереси. Сепак, крјаниот заклучок е дека кај институциите постои интерес за унапредување на управувањето и примена на транспарентно, отчетно, партиципативно и респонзивно работење. Спроведувањето на принципите на доброто управување преставува потребен предуслов и критериум за влез во ЕУ и во други асоцијации.
Покрај доделувањето признанија и плакети, ФИООМ им овозможи на наградените институции да предложат проекти за подобрување на нивното работење, во износ до 400.000 МКД. Управниот одбор на ФИООМ ги одобри следниве проекти коишто ќе се спроведуват во следниот период:
- Воведување електронско учење во Царинската управа на РМ
- Промоција на корпоративна општествена одговорност за подобрување на околината преку учество на заедницата, Општина Велес
- Зајакнување на капацитетите на МАПАС.